Голем Град, единствениот македонски остров во Преспанското Езеро популарно познат како дом на змиите во последниве години е во фокусот и на науката. Како своевиден природен феномен овој остров е атрактивен за странските туристи, медиуми и авантуристи.

Островот Голем Град се наоѓа на околу 2 км од брегот на езерото (Пречна планина). Има елипсовидна форма со должина 700 и ширина 400 м. Зафаќа површина од 21,9 хектари. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и клифови со височина 20 до 30 м. Над нив се оформува плато со две возвишенија на северниот и јужниот дел на островото. Меѓу возвишенијата има седло кое на бреговите завршува со мали заливи. Овие два заливи се единствените места од кои може да се пристапи на платото.

Матичниот супстрат е од тријаски варовници кои делумно излегуваат на површината. Помеѓу нив оформена е плитка скелетна рендзина.

На островот Голем Град според академик Ханс Ем, јасно се издвојуваат две шумски заедници и тоа шумата на дива фоја (Biaro tenuifoliae-Juniperetum excelsae) и шумата на вебиевиот бадем и мазната копривка (Pruno webbii-Celtetum glabrae).

Со Законот за прогласување на планината Галичица за национален парк (Сл. Весник на НРМ 31/58), дефиниран е опфатот на површините за кои со позитивните законски прописи, а поради научно потврдените природни вредности, се обезбедува режим за нивна заштита и управување. Во членот 2 на овој закон се потенцира дека во границите на паркот влегува и островот Голем Град (Св. Петар) во Преспанското Езеро.