Брајчино е старо (повеќевековно) христијанско село во кое секогаш живееле православни македонци.
Во различна форма името Братучина, Братичка и Брајчино се споменува во повеќе извори од различни историски периоди: најрано во турските дописни документи за казата Горица, во 1900 во делата на Васил Канчов, 1902 год кај Лев Огненов, а во поновата историја во делата на Мето Јовановски.

Влогимјеж Пјанка во врска со името на ова село пишува дека е посвојно име образувано со со помош на суфиксот “-ино” од личното име Братица, со отпаѓање на интервокалното т. Меѓутоа, жителите на селото пренесуваат предание и можни претпоставки дека името на селото потекнува уште од некогвиот зачеток, кога го населиле луѓе блиски по род (браќа и братучеди) по кои селото добило име најпрво Братучина, а со текот на времето преиначено во Брајчино.

Брајчино е село од собран тип, со стари и нови куќи, сите на кат, градени од камен, а поновите со блок – тула, покриени со керамиди. Околу куќите постојат дворни места, а во некои постојат зеленчукови и овошни градини. Белите фасади на куќите селото го извлекуваат од сивилото на природната околина.

Според групираноста на куќите и фамилиите, селото се дели на четири поголеми маала:

Горна маала – источен дел на селото

Долна маала – западниот дел

Чороловска Маала – југо/западниот дел,

Камејнче Маала – во јужниот дел на селото.

Маалите меѓусебно се поврзуваат со два бетонски моста на Брајчинска Река и повеќе стрмни, тесни, но асфалтирани улици. Покрај Брајчинска река, како нејзина лева притока низ селото тече и реката Брезница. Селото Брајчино е напат да стане привлечно туристичко место.
Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1921 год. со електрична енергија во 1952, со задружен дом во 1949, со водовод во 1975 год., со телефонси приклучоци 1988 год., со асфалтирани улици во 1998 год.

Природа

Брајчино е сместено во долината на Брајчинска река, која селото го дели на два дела, а атарот на селото го опфаќа сливот на реката. Селото се наоѓа на Надморска висина од 1000 метри. Сливното подрачје го сочинуваат повеќе помали реки долови и поточиња кои го имаат создадено карактеристичниот релјеф  претставен со стрмни падини на планините со безброј долови кои создааваат еден прекрасен неконтинууран и шаренолик поглед. Секој предел од планината си има свое име кој го добил од од локалното население според некоја специфична случка пр. Дрмишар, Марушица Крива кобила, ’Ржана, Балтан итн. Поголеми реки кои ја создаваат брајчинска река се: Рупа и Крива кобила, како десна притока  е реката станишар, а леви притоки се ’Ржанска река и Балтан. Во водите на реките живее ендемичниот вид на поточна пастрмка Брајчинската пастрмка Salmo Pelistericus.

Околу селото се идигнуваат повеќе планински врвови повисоки од 2000 мнв и тоа: Цуце, Бојаџиев, Грива, Ветерница, Бајрчето итн. Околината на селото е богата со шума, во пониските делови најзастапена е дабовата шума, додека во повисоките делови на надморска висина и до 2000 метри се среќава чисто букова и елова шума, а во највисоките предели се наоѓаат  тревни површини испомешани со нискостеблести растенија од кои најкаректеристична е смреката, исто така  во овие предели карактеристични се и камењарите составени од искршени камени блокови  кои личат на река  од камења.

Растителен свет

Растителниот свет во атарот на селото е најразновиден почнувајќи од шумите и пасиштата па се до најразличните шумски плодови и лековити билки и најразлични цветни растенија.

Најзастапени видови на шума се дабовата, буковата и еловата шума. Дабовата шума е најраспространета на северната страна која истовремено представува Присој, додека буковата и еловата шума се најзасатапени на јужната страна Осој. Најкаректеристична е еловата шума кај која можат да се најдат стебла со дијаметар и до 2 метри, и тоа што еловата шума во Брајчино има еден од најголемите проценти на прираст годишно, во цела Европа, а семето кое го дава е со плодност од 80%, при што не ретко луѓето го сообираат за вештачко производство подмладок на елата. Покрај овие високо стеблести растенија најприсутни во шумета се и брзата, јаворот, дивата врба (јасика), габер  и др.  Додека од нискостеблестите опстојуваат смреката и шипот. Над шумскиот појас се протегаат тревните површини т.е пасиштата.

Шумите исто така се богати со шумски плодови од кои се издвојуваат: дивата јагода, малината, боровинките, шипинките, дренките, глогот и капинките, многубројните видови на печурки и лековити билки и чаеви. Од лековитите билки најкарактеристични се: кантарионот, мајчината душица, чемерот, смреката, ајдучката трева, планинскиот чај, магарешкиот чај,  листот од дивата јагода, глогот, листот од боровинките и многу други.

Животински свет

Најкарактеристичен претставник на животинскиот свет во атарот на селото е ендемичниот вид на поточна пастрмка која што живее во Брајчинска река.  Нејзиното правилно име Salmo Peristericus, Salmo-пастрмка, а Peristericus- дека живее во реките од планината Пелистер. Оваа пастрмка има портокалово-темно црвени дамки вдолж стомачната површина и по  површината на страничните перки. Таа претставува релативно мал вид кој што со растењето не достигнува големи димензии. Најголемите примероци кој што се пронајдени во реката се двишат околу 35 см и да се најдат во ваква големина претставува многу ретка појава. Овој вид претставува еден од најстарите видови на пастрмка која што може да се најди во реките од средоземноморското сливно подрачје, при што можи да се каши дека таа претставува мајка на сите други пастрмки во овој регион. На речната пастрмка и треба чиста и ладна  вода богата со кислород  и  дно на реката составено од ситни камчиња каде таа би ги положила своите јајца.  Значи со опстанокот на пастрмката се докажува дека водата во Брајчинска река е чиста и здрава, во пoгорните делови над селото при што можи слободно да се користи и за пиење од страна на луѓето.

Друг жител на водите од реката е и речниот рак. Од страна на цицачите во атарот на селото можи да се најдат скоро сите видови кои опстојуваат на балканскиот полуостров и европа. Најбројни жители на планината се: Дивата свиња, кафеавата мечка, срните, јазовец, дива мачка, зајак, еж, верверица, лисица, куна, волк, а во повисоките карпести делови и балканската дива коза.

Од птиците најзастапени се: еребицата камењарка, клукајдрвецот, лештерката, соколот глувчар, буф и многубројни птици песнопијки и други.

Географска положба и граници

Од источната страна на Големото Преспанско Езеро, во една од подлабоките западни пазуви на планината Баба, во средишниот дел на живописната долина на Брајчинска Река, амфитеатрално поставено на двата нејзини брега, во изобилство на диви и питоми растенија, на надморска височина од околу 1000 м, се наоѓа селото Брајчино кое приближно лежи на 40 – от степен и 55 минута северна географска ширина и 21 – от степен и 10 – та минута источна географска должина.

Брајчино граничи на север со Штрбово и Арвати, од исток со подрачјата на општините Битола и Бистрица, од југ со Долно Дупени и територијата на Р. Грција и од запад со Љубојно.

Брајчино пред неколку стотини години не било село, туку заселок од 5-6 куќи кои претрпеле големи штети при некои изразито поројни дождови, поради што жителите го напуштиле заселокот и се отселиле во други краишта (Прилеп се споменува). Но, по своите природни убавини местото не останало незабележано и повторно почнале да го населуваат луѓе од разни краишта (се споменува Егејска Македонија). Бројот на жителите постојано се зголемувал, така што по извесно време се формирала права населба која го добила името Братичино или подоцна Брајчино.

Во областа Преспа, Брајчино е село со најголем атар. Се простира на површина на 6028 хектари или 60 км2., зафаќа исклучително ридско – планинско земјиште обраснато со листопадна и иглолисна шума (даб, бука, јавор, јасен, бор, ела и смрека) и тревнасти планински пасишта.

Конфигурацијата на теренот (долина меѓу високи планини) условило селото да биде изложено само на два ветра – Горникот (источен) и Долникот (западен).

Атарот на Брајчино изобилува со извори и брзи, бистри водотеци ( леви и десни притоки на Брајчинска или Стара Река како што ја викаат мештаните) на која некогаш работеле 12 воденици и 4 валалници.

Целокупната топонимија на атарот на селото има словенско потекло. Попознати топоними се: Арангела, Бубуш, Бела Плевна, Буче, Брезница, Балчеа Стена, Брајчински рид, Багра, Гарван, Калојзана, Камејнче…