Манастирот Св. Петка, на околу 0, 5 км источно од селото, подигнат на ливадесто плато. Неговиот компликс го сочинува црквата Св. Петка(со живопис на грчко писмо) и зграда со конаци. За црквата Св. Петка, не се зачувани сигурни податоци од кои може да се види кога била подигната.  На западниот влез од наосот, од внатрешната страна, се наоѓа натпис кој е современ со подигањето и живописувањето на црквата. Меѓутоа, делот од текстот, во кој најверојатно се споменува годината во која е изградена или живописана црквата, е уништен.  Денешната состојба на архитектурата и живописот од црквата Св. Петка нè упатува на податокот дака црквата, во извесен, за нас непознат, период на време, била запуштена, а монашкиот живот замрен.

Во прилог на тоа ни говорат повеќе елементи. На северниот ѕид се гледаат остатоци од мали фрагменти кои му припаѓале на првобитниот живопис, како и фрагменти налепени на камењата од постарите урнати ѕидови на црквата (јужна страна). Мајсторите ѕидари при обновувањето на црквата ги користеле истите и ги вградувале во нив. Освен тоа, при обновувањето на црквата била проширена на југ, за околу 35-45 см.

Тогаш се вршени делумни интервенции на источната страна (калканот).

Црквата Св. Петка, која можеби била манастирска црква, претставувала мала по димензии градба, со полукружна апсида однадвор. Апсидата однатре има неправилно издолжен, елипсовиден облик и таа е асиметрично поставена. Протезисот и ѓакониконот, соодветно на големината на архитектурата, имале форма на ниши.

Судејки по решенијата на калканите, односно фреско-декорацијата, не била засводена. Таа однадвор е едноставно решена. На јужниот ѕид има мала ниша над прозорецот. При конзерваторските работи изведени во 1974 година е откриен дел на јужната фасада од старата црква, на која се зачувани фрагменти од фреско-декорацијта. Црквата е градена од кршен камен и кал. Однадвор е малтерисана и варосана.

Кон црквата, од западната страна, е изграден нартекс, во времето на обновата на црквата. Тој е со отворена покривна конструкција. Внатрешноста на црквата како и нејзината западна фасада се украсени со фрески.

Во нишата, од западниот влез на припратата, се наоѓа ликот на св. Петка.

Живописот во наосот потекнува од два периода. На постариот, првобитниот живопис, му припаѓаат фреските: Богородица со Христос, св. Јован Златоуст, Мелисмос, св. Василие (во апсидалната конха); св. Стефан (протезис); св. Симеон и св. Данил Столпници, св. Роман (ѓаконикон); и Благовештение, на источната страна.

На западната страна, во првиот појас е Архангел Михаил (јужно) и св. Константин и Елена (северно од влезот).

Во вториот појас е композицијата „Успение Богородичино“, ликовите св. Дамаскин и св. Катерина (јужно) и св. Евтимие, и непознат светител (северно). На калканот е композицијата „Преображение Христово“.

На западната фасада, во првиот појас се сцени од страшниот суд (Праведни Аврам – рајот и сцени од пеколот, јужно). Во вториот појас се ликовите на св. Ѓорѓи (северно) и св. Мина (јужно), додека во нишата над влезот е св. Параскева (Петка), патронот на црквата.

Над нив е „Деисизната композиција“ – Богородица, Исус Христос, Пантократот и Јован Крстител.

Овој постар живопис веројатно потекнува од XVI век. Анализирајќи ја работата на зографот на овој живопис, распоредот на сцените, користењето на орнаментиката, имаме впечаток дека тој се угледал на примерите остварени во класичниот период. Тој се инспирира врз традицијата на минатото, и имал можност да ги види остварувањата на неговите претходници, кои работеле во Преспа.

Вториот живопис е неспоредливо со послаби ликовни квалитети. Тој потекнува од XVIII век.

Првобитната црква имала свој иконостас, меѓутоа, денес не располагаме со податоци за неговиот изглед, ниту пак од тоа време се зачувани икони од иконостасот. При обновувањето на црквата (XVIII век) е направен нов иконостас, најверојатно со скромен изглед, судејќи по зачуваната греда, лежиштето на иконостасот. Нему му припаѓаат иконите Исус Христос, св. Параскева, половината од чинот и царските двери.

Иконата Исус Христос стилски е блиска со помладиот живопис од наосот и фреската св. Параскева, од лунетата над влезот од нартексот. Иконата св. Параскева потекнува од 1857 година (г.д.: 1857 април 17), и е работена од зографот Георгие. На „Чинот“ се забележуваат ликовите на шест апостоли од јужната страна, Деисизот со Јован Крстител и ап. Петар, од северната страна.  Другиот дел од „Чинот“ со ликовите на другите пет апостоли, не е најден.
Од југозападната срана на црквата Св. Петка биле подигнати конаци. Во 1903 година тие биле уништени во пожар. По иницијативата и помошта на месното население, конаците се обновени во 1911 година, потоа биле повторно разурнати.
Денес конаците се повторно изградени и функционални.

Црквата Св. Никола се наоѓа во западниот дел на селото, изградена е во 1871/72 год и судејќи по се, на место на постара црква. Во нејзиниот двор се селските гробишта.

Црквата Света Богородица – Брајчино