www.brajcino.mk MK      EN
Почуствувај ја божествената убавина
За НАС

Историски развој на селото

 


    Брајчино е старо (повеќевековно) христијанско село во кое секогаш живееле православни македонци. Во различна форма името Братучина, Братичка и Брајчино се споменува во повеќе извори од различни историски периоди: најрано во турските дописни документи за казата Горица, во 1900 во делата на Васил Канчов, 1902 год кај Лев Огненов, а во поновата историја во делата на Мето Јовановски.

    Влогимјеж Пјанка во врска со името на ова село пишува дека е посвојно име образувано со со помош на суфиксот “-ино” од личното име Братица, со отпаѓање на интервокалното т. Меѓутоа, жителите на селото пренесуваат предание и можни претпоставки дека името на селото потекнува уште од некогвиот зачеток, кога го населиле луѓе блиски по род (браќа и братучеди) по кои селото добило име најпрво Братучина, а со текот на времето преиначено во Брајчино.

    Брајчино е село од собран тип, со стари и нови куќи, сите на кат, градени од камен, а поновите со блок – тула, покриени со керамиди. Околу куќите постојат дворни места, а во некои постојат зеленчукови и овошни градини. Белите фасади на куќите селото го извлекуваат од сивилото на природната околина.

Според групираноста на куќите и фамилиите, селото се дели на четири поголеми маала:
  • Горна маала – источен дел на селото,
  • Долна маала – западниот дел,
  • Чороловска Маала – југо/западниот дел,
  • Камејнче Маала – во јужниот дел на селото.
    Маалите меѓусебно се поврзуваат со два бетонски моста на Брајчинска Река и повеќе стрмни, тесни, но асфалтирани улици. Покрај Брајчинска река, како нејзина лева притока низ селото тече и реката Брезница. Селото Брајчино е напат да стане привлечно туристичко место. Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1921 год. со електрична енергија во 1952, со задружен дом во 1949, со водовод во 1975 год., со телефонси приклучоци 1988 год., со асфалтирани улици во 1998 год.




Манастирите и Црквите во Брајчино

 

    Манастирот Св. Петка, на околу 0, 5 км источно од селото, подигнат на ливадесто плато. Неговиот компликс го сочинува црквата Св. Петка (со живопис на грчко писмо) и зграда со конаци.

    За црквата Св. Петка, не се зачувани сигурни податоци од кои може да се види кога била подигната.
На западниот влез од наосот, од внатрешната страна, се наоѓа натпис кој е современ со подигањето и живописувањето на црквата. Меѓутоа, делот од текстот, во кој најверојатно се споменува годината во која е изградена или живописана црквата, е уништен.






    Денешната состојба на архитектурата и живописот од црквата Св. Петка нè упатува на податокот дака црквата, во извесен, за нас непознат, период на време, била запуштена, а монашкиот живот замрен.
Во прилог на тоа ни говорат повеќе елементи. На северниот ѕид се гледаат остатоци од мали фрагменти кои му припаѓале на првобитниот живопис, како и фрагменти налепени на камењата од постарите урнати ѕидови на црквата (јужна страна). Мајсторите ѕидари при обновувањето на црквата ги користеле истите и ги вградувале во нив. Освен тоа, при обновувањето на црквата била проширена на југ, за околу 35-45 см.
Тогаш се вршени делумни интервенции на источната страна (калканот). Црквата Св. Петка, која можеби била манастирска црква, претставувала мала по димензии градба, со полукружна апсида однадвор. Апсидата однатре има неправилно издолжен, елипсовиден облик и таа е асиметрично поставена. Протезисот и ѓакониконот, соодветно на големината на архитектурата, имале форма на ниши.
Судејки по решенијата на калканите, односно фреско-декорацијата, не била засводена. Таа однадвор е едноставно решена.





    На јужниот ѕид има мала ниша над прозорецот. При конзерваторските работи изведени во 1974 година е откриен дел на јужната фасада од старата црква, на која се зачувани фрагменти од фреско-декорацијта. Црквата е градена од кршен камен и кал. Однадвор е малтерисана и варосана.
Кон црквата, од западната страна, е изграден нартекс, во времето на обновата на црквата. Тој е со отворена покривна конструкција. Внатрешноста на црквата како и нејзината западна фасада се украсени со фрески. Во нишата, од западниот влез на припратата, се наоѓа ликот на св. Петка.

    Живописот во наосот потекнува од два периода. На постариот, првобитниот живопис, му припаѓаат фреските: Богородица со Христос, св. Јован Златоуст, Мелисмос, св. Василие (во апсидалната конха); св. Стефан (протезис); св. Симеон и св. Данил Столпници, св. Роман (ѓаконикон); и Благовештение, на источната страна.
На западната страна, во првиот појас е Архангел Михаил (јужно) и св. Константин и Елена (северно од влезот).




    Во вториот појас е композицијата „Успение Богородичино“, ликовите св. Дамаскин и св. Катерина (јужно) и св. Евтимие, и непознат светител (северно). На калканот е композицијата „Преображение Христово“. На западната фасада, во првиот појас се сцени од страшниот суд (Праведни Аврам – рајот и сцени од пеколот, јужно). Во вториот појас се ликовите на св. Ѓорѓи (северно) и св. Мина (јужно), додека во нишата над влезот е св. Параскева (Петка), патронот на црквата.
Над нив е „Деисизната композиција“ – Богородица, Исус Христос, Пантократот и Јован Крстител. Овој постар живопис веројатно потекнува од XVI век. Анализирајќи ја работата на зографот на овој живопис, распоредот на сцените, користењето на орнаментиката, имаме впечаток дека тој се угледал на примерите остварени во класичниот период. Тој се инспирира врз традицијата на минатото, и имал можност да ги види остварувањата на неговите претходници, кои работеле во Преспа.
Вториот живопис е неспоредливо со послаби ликовни квалитети. Тој потекнува од XVIII век. Првобитната црква имала свој иконостас, меѓутоа, денес не располагаме со податоци за неговиот изглед, ниту пак од тоа време се зачувани икони од иконостасот.

    При обновувањето на црквата (XVIII век) е направен нов иконостас, најверојатно со скромен изглед, судејќи по зачуваната греда, лежиштето на иконостасот. Нему му припаѓаат иконите Исус Христос, св. Параскева, половината од чинот и царските двери.





    Иконата Исус Христос стилски е блиска со помладиот живопис од наосот и фреската св. Параскева, од лунетата над влезот од нартексот. Иконата св. Параскева потекнува од 1857 година (г.д.: 1857 април 17), и е работена од зографот Георгие. На „Чинот“ се забележуваат ликовите на шест апостоли од јужната страна, Деисизот со Јован Крстител и ап. Петар, од северната страна.
Другиот дел од „Чинот“ со ликовите на другите пет апостоли, не е најден. Од југозападната срана на црквата Св. Петка биле подигнати конаци.
Во 1903 година тие биле уништени во пожар. По иницијативата и помошта на месното население, конаците се обновени во 1911 година, потоа биле повторно разурнати. Денес конаците се повторно изградени и функционални.








Во с. Брајчино постојат пет цркви :


Св.Никола

Св.Богородица

Св.Илија

Св.Архангел

Св.Атанас





Црквата Св. Никола се наоѓа во западниот дел на селото, изградена е во 1871/72 год и судејќи по се, на место на постара црква. Во нејзиниот двор се селските гробишта.









Црквата Св. Богородица, се наоѓа во месноста Плеша, 0,7 км северозападно од денешната локација на селото.








Црквата Св. Илија се наоѓа во месноста Дрење, на околу 1 км североисточно од селото.








Црквата Св. Архангел се наоѓа во месноста Арангели, на 0,7 км северозападно од селото, обновена во 1916 год.





Црквата Св. Атанас (Танас), се наоѓа јужно од селото, во месноста дабје.










Местоположба

 

    Од источната страна на Големото Преспанско Езеро, во една од подлабоките западни пазуви на планината Баба, во средишниот дел на живописната долина на Брајчинска Река, амфитеатрално поставено на двата нејзини брега, во изобилство на диви и питоми растенија, на надморска височина од околу 1000 м, се наоѓа селото Брајчино кое приближно лежи на 40 – от степен и 55 минута северна географска ширина и 21 – от степен и 10 – та минута источна географска должина.


    Брајчино граничи на север со Штрбово и Арвати, од исток со подрачјата на општините Битола и Бистрица, од југ со Долно Дупени и територијата на Р. Грција и од запад со Љубојно.
Брајчино пред неколку стотини години не било село, туку заселок од 5-6 куќи кои претрпеле големи штети при некои изразито поројни дождови, поради што жителите го напуштиле заселокот и се отселиле во други краишта (Прилеп се споменува).
Но, по своите природни убавини местото не останало незабележано и повторно почнале да го населуваат луѓе од разни краишта (се споменува Егејска Македонија). Бројот на жителите постојано се зголемувал, така што по извесно време се формирала права населба која го добила името Братичино или подоцна Брајчино. Во областа Преспа, Брајчино е село со најголем атар.
 
    Се простира на површина на 6028 хектари или 60 км2., зафаќа исклучително ридско – планинско земјиште обраснато со листопадна и иглолисна шума (даб, бука, јавор, јасен, бор, ела и смрека) и тревнасти планински пасишта. Конфигурацијата на теренот (долина меѓу високи планини) условило селото да биде изложено само на два ветра – Горникот (источен) и Долникот (западен).


    Атарот на Брајчино изобилува со извори и брзи, бистри водотеци ( леви и десни притоки на Брајчинска или Стара Река како што ја викаат мештаните) на која некогаш работеле 12 воденици и 4 валалници. Целокупната топонимија на атарот на селото има словенско потекло. Попознати топоними се: Арангела, Бубуш, Бела Плевна, Буче, Брезница, Балчеа Стена, Брајчински рид, Багра, Гарван, Калојзана, Камејнче...






Зголеми ја мапата



Информации за возниот ред на автобусите до Брајчино:


Скопје - Битола
Време на поаѓање од Скопје Цена на билет во еден правец (ден.) Цена на повратен билет(ден.)
06:00 440 670
09:00 440 590
11:00 470 620
12:30 470 620
13:30 470 620
14:30 470 620
15:00 470 620
15:30 470 620
15:30 470 620
16:30 470 700
17:00 470 620
17:30 470 700
19:00 470 620
21:00 470 620
Скопје- Ресен
Време на поаѓање од Скопје Цена на билет во еден правец (ден.) Цена на повратен билет(ден.)
06:00 530 750
11:00 530 720
12:30 530 720
13:30 530 720
15:30 530 720
16:30 530 750
17:30 530 750
Битола - Ресен
Време на поаѓање од Скопје Цена на билет во еден правец (ден.) Цена на повратен билет(ден.)
06:30 120 200
09:00 120 200
10:30 120 200
13:15 120 200
14:45 120 200
17:00 120 200
17:15 120 200
19:30 120 200
Ресен- Брајчино
Време на поаѓање од Ресен Цена на билет во еден правец (ден.) Цена на повратен билет(ден.)
06:00 100 160
09:00 100 160
11:30 100 160
14:30 100 160
15:30 100 160