www.brajcino.mk MK      EN
Почуствувај ја божествената убавина
Природа




   Брајчино е сместено во долината на Брајчинска Река, која воодушевува со својот постојан водотек и кристално чистата вода. Реката го опфаќа атарот на селото и го дели на два живописни дела кои изобилуваат со богата флора и фауна. Позната е по ендемичниот вид на поточна пастрмка - Брајчинска пастрмка (Salmo Pelistericus) која живее само во слатките води на оваа река.

    Селото изобилува со многубројни водни површини - помали реки, долови и поточиња кои со нивниот пријатен звук и жуборење ја надополнуваат атмосферата, но и го создаваат карактеристичниот релјеф на Брајчино. Тој е претставен со стрмни планински падини и со безброј долови кои формираат еден прекрасен, шаренолик пејзаж.



    Брајчино е подпелистерско село и се наоѓа на 1000 метри надморска висина. Токму поради тоа претставува вистинска воздушна бања, но и предизвик за љубителите на планинарењето особено во текот на пролетниот и летниот период кога деновите се долги и сончеви, а ноќите свежи.




 

    Околу селото идилично се идигнуваат повеќе планински врвови од над 2000 метри надморска висина и тоа: Цуце, Бојаџиев, Грива, Ветерница, Бајрчето, називи кои ги добиле од страна на месното население.
Околината на селото изобилува со бујна вегетација и разновидна шума која е погодна за долги прошетки по обележаните планинарски патеки. Во пониските делови најзастапена е дабовата шума, додека во повисоките делови (до 2000 метри надморска висина) се среќава чисто букова и елова шума.

    Во највисоките предели, пак, се наоѓаат ливади и пространи тревни површини, измешани со нискостеблести растенија, од кои најкаректеристична е смреката. Особено карактеристични за овие предели се и камењарите, кои природата “ги направила” од искршени камени блокови кои на моменти наликуваат на река од камења.



             
         
  Растителен свет     Животински свет    
  Еловата шума во Брајчино има еден од најголемите проценти на прираст на годишно ниво, во цела Европа
    Ендемичен вид на поточна пастрмка која што живее во Брајчинска Река
   
             
      Aтарот на селото изобилува со разновиден растителен свет - шуми и пасишта, но и шумски плодови, лековити билки и цветни растенија кои им се на дофат на туристите. За чистотата на брајчинскиот воздух придонесува густата дабова, букова и елова шума. Најкарактеристична е еловата шума кај која можат да се најдат стебла со дијаметар и до 2 метри. Но, воодушевува податокот дека  еловата шума во Брајчино има еден од најголемите проценти на прираст на годишно ниво, во цела Европа. Семето кое го дава е со плодност од 80%, при што неретко посетителите го сообираат за вештачко производство на подмладок на елата.  

    Шумите, како еколошки чиста средина, се богати и со најразлични шумски плодови: дива јагода, малина, боровинка, шипка, дренки, глог и капина од кои месното население подготвува вкусни домашни сокови, мармалади и ликери. Исто така, особено интересно при посетата на Брајчино е и берењето на многубројните видови на печурки, но и лековити билки и чаеви кои служат за подготовка на традиционалните лекови.

    Од лековитите билки најкарактеристични се: кантарион, мајчина душица, чемер, смрека, ајдучка трева, магарешки чај, лист од дива јагода, глог, лист од боровинки и познатиот планински чај кој се служи во локалните таверни во зимскиот период. Тука се наоѓаат и многубројните цветни растенија кои на пејзажот му даваат посебен колорит на најразлични бои.
        Најкарактеристичниот претставник на животинскиот свет во селото Брајчино е ендемичниот вид на поточна пастрмка која што живее во Брајчинска Река. Нејзиното оргинално име е Salmo Peristericus, (Salmo, со значење пастрмка, а додавката Peristericus  е дека живее во реките на планината Пелистер). Оваа пастрмка има карактеристични портокалово - темно црвени дамки долж стомакот и по површината на страничните перки. Таа претставува релативно мал вид и не достигнува голем раст. Најголемите примероци кои што се пронајдени во Брајчинска Река се движат околу 35 см.

    Овој вид претставува еден од најстарите видови на пастрмка која што може да се најде во реките од средоземноморското сливно подрачје. Затоа може да се каже дека таа претставува “мајка” на сите други пастрмки во овој регион. На речната пастрмка и треба чиста и ладна вода, богата со кислород и дно на реката кое ќе биде од ситни камчиња каде што таа би ги положила своите јајца. Значи, со опстанокот на пастрмката се докажува дека водата во Брајчинска река е чиста и здрава. Дури во пoгорните делови, над селото, водата од реката може слободно да се користи и за пиење од страна на луѓето.

    Друг жител на водите на Брајчинска река е и речниот рак. 
Во планата над селото може да се најдат скоро сите видови на цицачи кои живеат на Балканскиот Полуостров и во Европа.
   





    Најбројни жители на планината се: дивата свиња, кафеавата мечка, срните, јазовецот, дивата мачка, зајак, еж, верверица, лисица, куна, волк, а во повисоките карпести делови и Балканската дива коза.

    Во Брајчино богат е и птичјиот свет. Покрај ендемските видови, постојано се присутни и птици преселници кои престојуваат во пролетно-летниот период и птици преселници кои на кратко престојуваат во околните блата, како попатна станица за одмор и исхрана. Од птиците најзастапени се: еребицата камењарка, клукајдрвецот, лештерката, соколот глувчар, буф и многубројни птици песнопејки.  

Од влекачите можат да се сретнат: зелениот гуштер, желка, дождовник, смок, а од отровните змии - поскок и шарка.